Датум: 17.06.2013, 16:43 необиЧен СЛУЧАЈ СЕ „ПАРKИРА“ ПРЕД СУДОТ ВО СТРАЗБУР Му одзеле автомобил што го купил легално зашто претходно го возел дилер на дрога Лефтерија Kанзурова и нејзиниот син поднеле тужба против државата пред Европскиот суд за човекови права бидејќи сопственикот, осуден за дрога, го продал возилото и зел пари, а тие ем платиле […]
Датум: 17.06.2013, 16:43
необиЧен СЛУЧАЈ СЕ „ПАРKИРА“ ПРЕД СУДОТ ВО СТРАЗБУР
Му одзеле автомобил што го купил легално зашто претходно го возел дилер на дрога
Лефтерија Kанзурова и нејзиниот син поднеле тужба против државата пред Европскиот суд за човекови права бидејќи сопственикот, осуден за дрога, го продал возилото и зел пари, а тие ем платиле ем останале без автомобил. Им останале само ратите за кредитот што го зеле
Синот купи автомобил не знаејќи дека претходно го возеле дилери на дрога кои биле уапсени и на кои потоа им се судело. Во меѓувреме тој го регистрира автомобилот „сеат ибица“ и го возеше речиси една година како такси за на крајот државата да му го одзеде незаконски. Зошто никој не изрекол забрана за отуѓување на тоа возило ако во текот била судска постапка против поранешниот сопственик? Зошто да страдаме ние поради грешка на системот? Ова се само дел од неодговорените прашања што ги имаат Лефтерија Kанзурова и нејзиниот син, кои поднеле тужба против државата пред Европскиот суд за човекови права. Случајот со одземениот автомобил, кој сменил шестмина сопственици, уште пред неколку години се „паркира“ пред судот во Стразбур, но с` уште нема епилог.
Со еден куп документи, со многу надежи и желба да излезе нејзината верзија од приказната на виделина, Kанзурова се обрати до нашата редакција.
– Секојдневно се бориме со оваа неправда. Нашите судови немаат разбирање за проблемот и за очигледните пропусти за кои ние сега страдаме. Токму затоа се обративме и до Стразбур, но досега нема никаква одлука. Нема врата на која не сум затропала, па за случајот знаат од народниот правобранител, антикорупциската комисија, па с` до Судскиот совет – вели таа.
Може да се забележи нејзината грижа за синот кому сериозно му се нарушило здравјето откако му бил одземен автомобилот што легално си го купил. Почнал да работи со него користејќи го како такси-возило. Ова семејство има купопродажен договор за автомобилот, но од рацете на осудените за поседување дрога, тој автомобил за помалку од една година поминал низ рацете на неколку сопственици. Последен сопственик пред да го одземат бил синот на Kанзурова. Инаку спорното возило влегло во полициска евиденција во октомври 2004 година кога тогашниот сопственик бил фатен со мало количество марихуана и екстази. Во декември го продал автомобилот, кој откако сменил уште тројца газди на крајот во март 2005 година го купил синот на Kанзурова. Истиот месец на првиот сопственик му било поднесено обвинение, а веќе во јуни 2005 година првиот сопственик е осуден на 4 месеци затвор, а судот донел и мерка – одземање на возилото.
– Нам ни е нанесена голема штета со одземањето на автомобилот. Виновно за ова е Министерството за правда, односно судовите што уште во 2004 година биле должни да изречат забрана за отуѓување – продавање на автомобилот бидејќи со него било извршено кривично дело. Тоа е сторено дури по една година од кривичното дело, односно кога е донесена правосилната пресуда – се жали Kанзурова.
Со ова, вели таа, државата дозволила повеќемина да бидат доведени во заблуда, а на крајот тие како семејство да бидат измамени бидејќи само тие платиле за автомобил кој потоа им е одземен.
– Со пропуштањето да се изрече итна мерка за забрана за отуѓување или, пак, итна заплена на возилото, со ова невнимание и неприменување на законот, државата директно предизвикала штета која сега ја трпи моето семејство – вели таа.
Тоа што ги погодило е пред с` нивната тешка материјална состојба. Ги употребиле последните пари за да го купат возилото, а зеле и кредит. Дури и по одземањето Лефтерија продолжила да го плаќа кредитот за автомобилот кој не е повеќе во нивни раце. И токму тука лежи и парадоксот. Сопственикот осуден за дрогата си го продал автомобилот и зел пари, а тоа го сториле сите останати, но не и синот на Kанзурова бидејќи тие ем платиле ем останале без возило. Наместо тоа, им останале ратите за кредитот што го зеле. (А.М.)